Брендирање на бизнисите во руралните области

34

ruralni_razvojСледните шест месеци во општина Свети Николе ќе се спроведува проектот Брендирање на руралните бизниси со цел задржување на младите во руралните области.

Овој проект има за цел да се зголеми бројот на претприемачки бизниси во микро-регионот Свети Николе-Штип преку идентификација на руралните традиционални бизниси со највисок потенцијал и нивно претворање во профитабилни компании, како и да се намали економската стапка на миграција на младите и преселбата во поголемите градови или заминувањето во странство.

Проектот го финансира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) преку Програмата за поддршка на социјално претприемништво за млади.

“Развојот на руралните традиционални бизниси во претприемнички бизниси ќе им овозможи на младите луѓе од микро-регионот Свети Николе-Штип подобри и поголеми шанси за наоѓање вистинската работа и продолжување на животот во нивната општина. Со предвидените активности директно ќе се влијае на невработеноста кај младите, како една од најголемите социјални проблеми”, беше речено на вчерашната промоција.

Во рамки на проектот планирани се обуки за маркетинг и промоција на мали, рурални бизниси, обуки за е-маркетинг и промоција преку социјалните мрежи, обуки за продажни техники на традиционални производи, како и обуки за брендирање на традиционалните производи.

Во него ќе се вклучат сопствениците на традиционалните бизниси од микро-регионот, членови на нивните потесни семејства – потенцијални наследници на нивните бизниси. За имплементација се задолжени Здружението за развој, претприемништво и претприемачко учење Марвел-АДЕЕЛ, компанијата СИ комуникејшн од Скопје и Општина Свети Николе.

“Проектот ќе придонесе за развивање на бизнис потенцијалот во овој микро-регион преку ставање фокус на подобра промоција на традиционалните производи и за задржување на младите луѓе и нивно мотивирање да го  пронајдат своето идеално место во овие две општини, а не надвор од Македонија. Зголемувањето на бизнис потенцијалот на традиционалните бизниси, пак, ќе генерира поголем број работни места за младите жители на овој регион”, рече Благица Л’скова, координатор на проектот.