Британија воведува корпоративен данок на добивка од 25%

43

Британскиот министер за финансии, Риши Сунак, најави зголемување на корпоративниот данок на добивка на 25% во април 2023 година, за да може државата да ги зајакне јавните финансии по големото задолжување поради пандемијата.

Сунак смета дека малите компании со профит од 50.000 фунти или помал од тој износ ќе бидат заштитени, така што даночната стапка за нив ќе се задржи на сегашното ниво од 19%, пренесува CNBC.

“Тоа значи дека околу 70% од компаниите или 1,4 милиони компании воопшто нема да бидат погодени од зголемениот данок“, вели Сунак.

Според него, за фирмите со профит од над 50.000 фунти ќе бидат применувани прогресивни даночни стапки, додека само компаниите што имаат добивка поголема од 250.000 фунти ќе бидат оданочени со полна даночна стапка од 25%.

Се очекува британската економија да се врати на ниво од пред пандемијата до средината на следната година, а се предвидува раст на бруто домашниот производ од 4% оваа година и 7,3% во 2022-ра година.

Властите во Лондон од почетокот на пандемијата се задолжени со рекордни 355 милијарди фунти, што е 17% од бруто домашниот производ, а за следната година планира да се задолжи со дополнителни 234 милијарди фунти, што ќе бидат 10,3% од БДП. Се проценува дека јавниот долг ќе порасне од 88,8% на 93,8% од БДП следната година и ќе го достигне врвот од 97,1% во 2023-та и 2024-та година.

Фото: Pexels