Бродњак: Малите играчи нема да можат да ја следат играта на големите бројки на банкарскиот пазар

Консолидацијата на банкарскиот сектор не е ни блиску до крајот, очекувам дополнително да се забрза во наредниот период и малите пазарни играчи нема да можат да го следат чекорот, бидејќи тоа е игра на големи бројки. Ова ќе биде случај во целиот регион, иако актуелната криза во Украина веројатно ќе ги доведе во прашање одлуките на некои големи играчи. Ќе видиме што ќе кажат италијанските и австриските банки во наредниот период, изјави Блаж Бродњак, генерален директор на НЛБ Групацијата, на панелот за банкарскиот сектор во рамки на Бизнис форумот Копаоник.

„Австриските групи целосно го изгубија апетитот за Словенија, но има и такви кои се подготвени да инвестираат во регионот. Србија е најинтересна поради економскиот прагматизам на власта, кој се практикува со години и чии резултати привлекуваат странски инвеститори. Србија ќе расте, таа е најголема во регионот, а ќе има и најголема конкуренција. Ако некој се повлече од српскиот пазар, сигурно ќе се најдат уште најмалку четворица или пет играчи кои ќе скокнат и ќе се „тепаат“ за таа позиција“, истакна Бродњак.

Тој истакна дека настаните во Украина носат сосема нова парадигма, за која можеби сè уште не се сите свесни. Според него, во Европа се создаваат два пола и прашање е како ќе се позиционира нашиот регион, што е стратешко геополитичко прашање. Од тоа ќе зависи кои инвеститори би можеле да бидат поприсутни во наредниот период.

„Многу сум загрижен. Се надевам дека како регион ќе се поврземе посилно од кога и да е, да одиме во насока на ЕУ и да ја заокружиме безбедносната состојба, бидејќи тоа е предуслов за доаѓање на инвеститорите. „Политичките ризици се многу важни, бидејќи инвеститорите се многу чувствителни на тој план“, заклучи Блаж Бродњак и го најави првиот инвеститорски ден во историјата на НЛБ Групацијата, кој ќе се одржи на 12 мај во Белград, каде што се  очекуваат 150 аналитичари и инвеститори.