Фото: Pixabay
Според најновиот извештај на Oxfam International, бројот на милијардери во светот достигна рекордни 2.208 луѓе, пишува CNN.
Споредено со цифрата пред десет години, бројката на најбогати луѓе во светот е двојно зголемена. Извештајот, којшто содржи 106 страни, има за цел да укаже на зголемениот јаз помеѓу богатите и сиромашните, но и да предложи мерки за подобрување на состојбата.
Комбинираното богатство на 26 најбогати индивидуалци во светот лани достигна 1,4 илјади милијарди долари, што е иста сума како вкупното богатство на 3,8 милијарди сиромашни луѓе. Најголем број од милијардерите се од САД, вклучувајќи ги Џеф Безос, Марк Цукерберг, Бил Гејтс и Ворен Бафет, познати имиња во бизнисот.
Со цел да се намали јазот, Oxfam препорачува даноци според примања, зголемени стапки на персонален данок и корпоративни даноци за богатите и корпорациите, обезбедување на бесплатна здравствена заштита, образование, инвестирање во јавни услуги како вода, струја и згрижување на деца и слично.