Бројот на разводи лани зголемен за над 22%

24

Бројот на разводите во 2019 година бележи зголемување од 22,8% во споредба со 2018 година и изнесува 1.990 разведени бракови, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во текот на 2019 година, најмалку бракови, односно 43 или 2,2% се разведени во месец август, а најмногу, т.е. 244 или 12,3% во месец ноември.

Според траењето на бракот, најголемиот број разводи, односно 430 или 21,6% се случиле од пет до девет години по склучувањето на бракот.

Од друга страна, бројот на склучените бракови во 2019 година, во споредба со претходната година, е зголемен за  2,4% и изнесува 13.814 склучени бракови.

Најмногу бракови, 1.747 или 12,6%, се склучени во месец август, а најмалку во месец  февруари, т.е. 809 или  5,9%.

Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93,3% за жените и 92,1% за мажите.

Во втор брак со учество од 7,4% и трет брак со учество 0,6%, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

Во 2019 година, најголем број бракови 4.563 или 33% се склучени кај жените на возраст од 25 до 29 години. Според возраста, и кај мажите најголемиот број бракови, односно 5.159 или 37,3%, се случени во истата старосна група од 25 до 29 години.

Просечната возраст при склучувањето прв брак е 26,9 години за невестата и 29,7 години за младоженецот.

Фото: Pexels