Швајцарската фармацевтска компанија Roche објави дека до крајот на септември на пазарот ќе пушти брз тест за откривање на коронавирус, којшто ќе дава резултати за 15 минути.
Тестот за антигени на вирусот SARS-CoV-2, што ја предизвика пандемијата на Ковид-19, ќе биде достапен во земјите што ја признаваат ознаката СЕ (Conformité Européene), задолжителна за производи што влегуваат на пазарот на Европската унија.
Roche сака да побара и итно одобрување од Американската агенција за лекови.
Секој месец ќе бидат достапни 40 милиони брзи тестови за SARS-CoV-2. Тој капацитет ќе се зголеми двојно до крајот на годината, со цел да се одговори на побарувачката на здравствените системи ширум светот, објави компанијата.
Пуштањето на тестот на пазарот мора да се спроведе во соработка со јужнокорејската компанија SD Biosensor Inc, којашто веќе располага со бројни тестови за откривање на вирусот и со која Roche има договор за дистрибуција во светот.
Фото: Freepik