Бугарија: Избрани најдобрите фирми за 2014

59

bg

Доместина, Велдим 1, Балкан и Индустриални батерии се меѓу наградените компании на натпреварот во организација на Прва инвестициона банка за Најдобра бугарска фирма.

Натпреварот има за цел да го насочи јавниот интерес кон претприемништвото, а компаниите се рангирани во неколку категории според нивната големина – средни и големи компании, микро и мали компании и стартапи. Условот за учество е компаниите да бидат со бугарски капитал, да имаат бугарски менаџмент и да претставуваат бугарска марка, пишува софиски Капитал.

Онлајн платформата Доместина за чистење домови и канцеларии се најде на првото место во категоријата старт – ап. Велдим 1 којшто произведува системи за безбедност, електро инсталации и системи за климатизација е победник во категоријата Микро и мали фирми, а во категоријата Средни и големи, првото место го освои фабриката за производство на метални производи Балкан, која работи и за шведска IKEA.

Наградата од публиката ја освои Индустриални батерии, компанијата којашто работи во областа на производство и трговијата со акумулатори и полначи.

Натпреварот се организира четврта година по ред, а оваа година учествуваа над 240 компании од 80 индустрии.