Бугарија ќе претрпи штета од пет до 10 милиони евра од руското ембарго

24

praski

Бугарија од руското ембарго ќе претрпи директна штета меѓу пет и 10 милиони евра, изјави бугарскиот министер за земјоделие Васил Грудев.

“Директната штета ќе биде надоместена. Проблем е како ќе се соочиме со индиректната штета”, изјави Грудев за бугарските медиуми.

Според него, не постои можност да се забрани увозот на земјоделски производи од ЕУ за да се заштитат домашните произведувачи. Руското ембарго најсилно ќе го почувствуваат бугарските производителли на овошје и зеленчук. Бугарија во Русија најмногу извезува праски и круши. Тие сега ќе останат на бугарскиот пазар, кој е преплавен од грчки производи.

Грудев објасни дека на вонредниот совет на министрите на ЕУ ќе инсистира Бугарија да добие надомест и еднаква компензација во споредба со останатите земји во ЕУ. Тој истакна дека Министерството за земјоделство и храна разработува план за либерализација на извозот кон трети земји каде што Бугарија нема извоз.

Според прогнозите на економистите, Европската унија ќе изгуби 12 милијарди евра поради санкциите наметнати од Русија. Русија како одговор на санкциите на Запад поради поддршката за бунтовниците во Украина, на 7 август воведе целосна забрана за испорака на говедско, свинско месо, живина, овошје, зеленчук, риба, сирење, млеко и млечни производи од земјите од ЕУ, Австралија, Канада, Норвешка и САД.