
Бугарскиот парламент вчера усвои предлог за ограничување на извозот на нафтени производи во други земји-членки на ЕУ со цел да се гарантира енергетската безбедност на земјата, по санкциите на САД против руските компании.
Вашингтон минатата недела објави санкции насочени кон руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, вклучително и замрзнување на сите нивни средства во САД и забрана за сите американски компании да соработуваат со нив. Компаниите што работат со „Роснефт“ и „Лукоил“ може индиректно да бидат санкционирани, објави Бета.
Предлогот усвоен од бугарските пратеници и презентиран од владејачката коалиција и нејзините сојузници се однесува на извозот на нафтени производи според 22 царински кодови што одговараат на дизел и керозин. Се воведува привремено, иако текстот не наведува временско ограничување.
Авторите на предлогот ја наведоа „потребата да се гарантира енергетската безбедност на земјата и стабилноста на домашниот пазар на гориво во светлината на санкциите што ги воведоа Соединетите Американски Држави против руските енергетски компании, вклучително и „Лукоил“, кој управува со најголемата рафинерија за нафта во Бугарија.
„Во контекст на намалената предвидливост на снабдувањето, привремена забрана за извоз и испораки во рамките на ЕУ се воведува како пропорционална и неопходна мерка за заштита на јавниот интерес“, додадоа авторите.
Исклучоци се дозволени за полнење гориво на локални и странски бродови и авиони, како и за испораки на вооружените сили на НАТО или на вооружените сили на земјите-членки на ЕУ кога тоа е поврзано со заедничката безбедносна и одбранбена политика.













