Бугарија размислува увезената стока да биде со етикети испишани целосно на бугарски јазик, соопшти министерот за економија Драгомир Стојнев во интервју за Труд.
Ова е една од идеите за кампањата “Поддржете го бугарското”, која владата планира да ја иницира. Во моментов на многу од етикетите на увезената стока наменета за други пазари им се додаваат само налепници со бугарски превод, со ситен фонт, што тешко се читаат.
“Треба да се најде форма да се заштити бугарското производство и да се пресече нерегулираниот увоз. Целта на кампањата е луѓето да сфатат дека со купувањето бугарски стоки, придонесуваат за раст на производството и нови вработувања “, вели Стојнев за Труд.
Според министерот, кампањата ќе им овозможи на потрошувачите да бидат поинформирани при изборот, затоа што полесно ќе ги разликуваат домашните од увезените стоки. Тој истакна дека идејата допрва ќе се дискутира со организациите на увозници и ќе се проверува дали противречи на европските директиви.