Бугарите и Романците веќе можат слободно да работат во ЕУ

22

euОд вчера, бугарските и романските работници можат слободно да работат во било која земја членка на Европската унија, затоа што истече седумгодишниот период во кој можеше да им се воведат ограничувања.

Иако старите земји членки веќе немаат никакви можности за ограничување на пристапот до своите пазари на труд за Бугарите и Романците, во некои земји, во прв ред Велика Британија, Германија и Франција, стравуваат од масовен наплив на работници од овие две земји, кои заедно имаат 30 милиони жители.

Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ на 1 јануари 2007 година.

Привремено ограничување беше воведено и за десетте земји што се приклучија кон Унијата на 1 мај 2004 година, а важи и за Хрватска, која влезе во ЕУ на 1 јули 2013. Можноста за привремено ограничување на својот пазар на труд кон Хрватска ја искористија 13 земји (Франција, Германија, Холандија, Кипар, Австрија, Велика Британија, Словенија, Белгија, Шпанија, Луксембург, Италија, Малта и Грција), додека во останатите 14 земји Хрватите можат да се вработуваат без никакви ограничувања.