Бугарите земаат брзи кредити за да платат сметки

25

Плаќањето на сметки е најчестата причина поради која Бугарите земаат кредити, соопшти финансиската институција Изи кредит, пренесуваат бугарските медиуми.

Во периодот јули – септември, секој трет брз кредит бил кредит за покривање на сметките.

Други најчести причини за подигање на брз кредит се поради реновирање и опремување на домовите (26%), обртни средства за бизнисот (8%), за лекарства и лечење (7%). Кредит за летување и патување си дозволиле 6% од бугарските граѓани, корисници на брзи кредити.

Од почетокот на годината до септември се подигнати 28% повеќе кредити во однос на истиот период минатата година, а кредитното портфолио на изи кредит е зголемено за 27%. Средната сума на кредитите за месец септември била 264 евра, 3,5 евра повеќе во однос на истиот период лани.

Според кредитната институција NetCredit, пак, нејзините клиенти најчесто подигаат брзи кредити поради доцнењето на платите. Поради тоа мораат да земат кредит за да платат сметки, за храна, медицински услуги… Корисниците на овие кредити се на просечна возраст од 32 години, а 50% се под 30 години.

Предноста на брзите кредити е во тоа што во краток рок (30 минути) клиентите можат да повлечат онолку пари колку што им е потребно. Може да аплицира секој со чиста кредитна историја и во постојан работен однос.