Bulgari нуди хотелски апартман за 35.000 евра од ноќ

158

Во декември Bulgari отвори луксузен хотел во Париз, кој е седми од брендот во овој сегмент, кој планира да го зголеми нивниот број на над 20 во наредните години. Хотелите се дел од стратегијата на Bulgari да го прошири својот деловен опсег со цел да привлече клиенти во основната дејност и бизнисот со накит, информира WSJ.

„Хотелите обезбедуваат база на клиенти на супер богатите. Тие се начин да се регрутираат клиенти од кои профитира бизнисот со накит“, вели извршниот директор на Bulgari, Жан-Кристов Бабен.

Bulgari е еден од најпродаваните брендови во портфолиото на LVMH. Компанијата за накит со седиште во Рим значително порасна откако беше купена од LVMH пред една деценија.

Иако LVMH не дава посебни податоци за финансиските резултати на Bulgari, аналитичарите проценуваат дека приходот на брендот за 2021 година ќе биде околу 2,5 милијарди евра, или повеќе од двојно повеќе од пред една деценија. Приходите од хотелските резервации во моментов сочинуваат околу 5 отсто од вкупните приходи на Bulgari, рече Бабен.

И покрај пандемијата, вкупниот приход на брендот забележа двоцифрен раст во проценти во споредба со 2019 година. Бизнисот со накит ширум светот е еден од најбрзо растечките сектори во сегментот на луксузни стоки.

„Изгледите се исклучително позитивни“, рече тој. Имавме одлична година, многу подобра отколку што мислевме пред 12 месеци“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BVLGARI Official (@bulgari)

Луксузните брендови преземаат ризици кога ги ставаат своите имиња на хотели или други потфати кои се надвор од нивната основна дејност. Брендот може да настрада ако хотелските услуги не се на ниво на стандард или ако купувачите на накит сметаат дека брендот е прескап. Bulgari не открива податоци за продажбата на накит во своите хотели, па затоа е тешко да се процени дали хотелите и помагаат на Bulgari да продаде повеќе ѓердани, нараквици, прстени и друг накит од своите колекции.

Bulgari Hospitality Company работи како заедничко вложување со Marriott International Inc.

Bulgari дизајнира хотели и извршува некои оперативни задачи, како што е ангажирање хотелски готвачи. Marriott се грижи за други задачи, како што се резервации и други аспекти од хотелскиот бизнис. Аналитичарите велат дека договорот го ублажува ризикот за Bulgari и му овозможува на брендот да се фокусира на својот главен хотелски интерес – култивирање богати клиенти за својот бизнис со накит.

Вработените во Bulgari, на пример, продаваат накит во гостинските соби на нивните хотели и ги презентираат претстојните колекции. „Оваа категорија е еден од најдобрите примери за раст на бизнисот“, вели аналитичарот на Bernstein, Лука Солка за хотелскиот бизнис.

Цените за сместување во новиот хотел во Париз, кој се наоѓа на непосредна близина на Триумфалната капија, започнуваат од 1.400 евра. Пентхаус стан пак, кој е на две нивоа и има покривна градина, две спални соби, поглед на Ајфеловата кула, чини 35.000 евра за ноќевање. На приземјето на хотелот има бутик Bulgari, а во подрумот спа и 25-метарски базен.

Некои од хотелите на Bulgari беа погодени од пандемијата, како и сите други. На пример, резервациите во хотелот на брендот во Бали, Индонезија, драстично паднаа. Сепак, Bulgari не го затвора хотелот затоа што трошоците за работна сила таму се мали, а вработените продолжуваат да работат, рече Бабен.

На другите хотели во Bulgari им оди подобро. Бабен тврди дека хотелот во Дубаи, кој се наоѓа на сопствен остров, бил полн со богаташи од Персискиот залив кои сакале да избегнат контакт со надворешниот свет. Во Кина, хотелите Bulgari во Шангај и Пекинг, исто така, уживаа интерес од кинеските граѓани кои не можеа да ја напуштат земјата поради ограничувањата за патување.

Во наредните години компанијата планира да отвори хотели во Рим, Москва, Токио, Лос Анџелес и Мајами. Bulgari си постави за цел да отвори меѓу 20 и 25 хотели, со локации за 12 од нив веќе поставени, според Бабен.

Тој сака да отвори хотел во Њујорк, но брендот се уште не го најде вистинскиот имот.