Бундесбанк очекува германската економија да расте и покрај кризата на Блискиот Исток

Експертите истакнуваат дека економијата покажала отпорност благодарение на добрите резултати на германската индустрија и побарувачката од странство, објавува Die Welt.

Германската економија забележа мал квартален раст во вториот квартал од 2026 година и покрај предизвиците што ги донесе конфликтот на Блискиот Исток и скокот на цените на енергијата, според проекцијата објавена денес од Бундесбанк.

Експертите истакнуваат дека економијата покажала отпорност благодарение на добрите резултати на германската индустрија и побарувачката од странство, објавува Die Welt.

Германските извозници постигнаа добри резултати, делумно затоа што нивните меѓународни конкуренти беа посериозно погодени од недостиг и тесни грла во синџирите на снабдување, се додава во прогнозата.

Дополнително, приватната потрошувачка на Германците, и покрај падот на куповната моќ поради повисоките цени на енергијата, остана на нивото од претходниот квартал.

Германската економија е значително стимулирана и од обемните државни инвестиции во инфраструктура, железници и одбрана.

Економистите предупредуваат дека инфлацијата во Германија, која падна на 2,3 проценти во јуни, би можела повторно да се зголеми во наредните месеци, првенствено поради прелевањето на повисоките цени на енергијата врз други производи и услуги во потрошувачката кошничка.

Бундесбанк и германската влада сè уште очекуваат економијата да порасне за само 0,5 проценти за целата 2026 година, што би претставувало скромно закрепнување по долг период на стагнација.

Федералниот завод за статистика (Дестатис) ќе ја објави првата прелиминарна проценка за растот на германската економија за вториот квартал на 30 јули.