
Германската централна банка во вторникот предложи измени на уставните прописи за државното задолжување, што ќе и обезбеди на владата повеќе простор за маневрирање во период на слаб економски раст и дебата за поголеми воени трошоци.
Според предлогот на Бундесбанк, до кој агенцијата ДПА имала пристап, промената на кочницата ќе го зголеми финансискиот простор за маневрирање на владата.
Кочницата за долгот беше воведена во 2009 година од владата на канцеларката Ангела Меркел.
Уредбата го ограничи новото буџетско задолжување на 0,35 отсто од БДП годишно.
Критичарите на мерката посочуваат дека таа ги спречува неопходните инвестиции, вклучително и оние за заштита на природата во патишта и железници.
Бундесбанката предлага лимитот во иднина да се поврзе со односот на јавниот долг и бруто домашниот производ. Поточно, доколку овој сооднос е помал од 60 отсто, ќе и се дозволи на државата да се задолжува годишно во износ од 1,4 отсто од БДП.
Доколку, пак, долгот ја надмине границата од 60 отсто, новото задолжување ќе биде ограничено на 0,9 отсто од БДП. Тоа би значело дека на германската влада, во зависност од коефициентот на долгот, ќе и биде дозволено да позајмува меѓу 100 и 220 милијарди евра годишно до 2030 година.
Според официјалната статистика, соодносот на долгот спрема БДП во 2023 година изнесува 62,9 отсто, а последната бројка, од третиот квартал на 2024 година, е 62,4 отсто.











