Бундесбанк: Руската економија ќе претрпи долгорочна штета поради инвазијата на Украина

70

Руската економија ќе се соочи со долгорочна штета како резултат на војната во Украина, соопшти германската централна банка Бундесбанк. Во месечниот извештај, Бундесбанк објавува дека „Русија оди кон губење значителен дел од својот просперитет на долг рок“.

Според експертите на Бундесбанк, негативните последици од војната би влијаеле и на индустрискиот и на услужниот сектор: „Новите забрани за извоз наметнати од западните земји и ограничувањата за снабдување наметнати од многу компании веројатно особено тешко ќе ја погодат руската индустрија“, пишува See Biz.

Руската индустрија е во опасност од „сериозно губење на ефикасноста“ и „технолошка заостанатост како резултат на големата меѓународна изолација“, се вели во извештајот.

Русија веќе забележува дека многу висококвалификувани вработени заминуваат на работа во странство, се наведува во извештајот, истакнувајќи дека овој тренд најверојатно ќе продолжи поради војната.

Во светлината на овие предизвици, Русија најверојатно ќе се потпре уште повеќе на извозот на нафта и гас во наредните години, но дури и тоа нема да биде лесно како што беше досега. Ембаргото ќе влијае на побарувачката, што значи дека оние што купуваат руска нафта и гас веројатно ќе сакаат големи попусти.

„Русија наскоро би можела да биде принудена значително да го намали производството на нафта поради помалата побарувачка“, се вели во извештајот.