
Мобилен царински тим спречи обид за криумчарење 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, коишто американски државјанин се обидел да ги внесе во државата преку Меѓународен Аеродром Скопје. По спроведената предистражна постапка од страна на Одделението за истраги предметот е предаден на надлежното Основно јавно обвинителство при што со одлука на обвинителството, семките и маслото од канабис се одземени. Случајот е откриен кога мобилниот тим, поради сомневање, го селектираше патникот за детална контрола. При извршениот преглед и личен претрес, во личниот багаж беше пронајдена бела кесичка со епрувета во која имало седум семки од канабис. Дополнително, во џебот на дуксерот што го носел со себе била пронајдена уште една епрувета со седум семки од канабис, а во чорапот на десната нога, епрувета со жолтеникава течност со интензивен мирис на канабис.
Царински службеници на влез во државата на Меѓународен Аеродром Скопје спречија обид за шверц на 400 парчиња женска долна и ноќна облека со потписот на „Викторија Сикрет” и „Гучи”. Патникот се обидел да влезе во државата без да ги пријави производите кај царинскиот орган, при што се определил на т.н. зелен канал – наменет за патници кои немаат стока за пријавување. Поради сомневање, бил селектиран за детална контрола при што во личниот багаж и ранецот што го носел, била пронајдена непријавената брендирана облека.
Мобилен царински тим откри три илјади парчиња цигари и еден килограм тутун во личниот багаж на патник, македонски државјанин, кој требало да патува за Лондон. Случајот е откриен по извршена рендгенска и детална контрола на багажот, при што е откриена значителна количина на акцизна стока без акцизни маркички. Во друг случај, на граничниот премин Богородица, во кабината на камион со цистерна, под тапацирот на една од фиоките, царински службеници открија 11 штеки цигари.











