
Минатата година се собрани приходи во висина од 125 милијарди денари, што претставува зголемување од речиси седум и пол милијарди денари во споредба со 2023 година.
Оваа тенденција на зголемена наплата на приходи продолжи и во тековната година, при што во првиот квартал е реализирана наплата од скоро 30 милијарди денари, односно речиси 480 милиони евра, што е за 13,6 милиони евра повеќе од истиот период лани.
Зголемување е забележано кај приходите од Царина за 15,6 проценти, од акциза за 5,7 проценти, како и од данок на моторни возила за 16,2 проценти.
“По основ на извршени проверки и контроли од Секторот за контрола и истраги наплатени се 20 милиони денари, а донесени се и решенија за дополнителна наплата на износ од 5,7 милиони денари,” изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Овие средства, како што истакна тој во своето обраќање по повод Денот на Царинската управа, значат повеќе инвестиции за капитални проекти, училишта, болници, патишта и за поконкурентна економија.
Министерката за финансии, Гордана Димитриоска Кочовска, која исто така се обрати на настанот, им порача на цариниците дека контролата на извозот е од исклучителна важност, бидејќи таму, според неа, се појавуваат најголемите проблеми.
Во текот на 2024 година се евидентирани вкупно 410 случаи на заплени при откриени прекршочни и кривични дела, од кои 305 случаи се забележани во втората половина од годината.
Со засилено темпо се продолжи и годинава, при што во првото тримесечје се остварени 143 случаи на заплени, што е за 77 проценти повеќе во однос на минатата година, кога биле регистрирани 81 случаи.
Преку спроведување на сериозни и темелни истраги, се откриени и сериозни криминални мрежи.
“Во последните пет месеци, заклучно до седми април, нашиот тим од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе 102 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК против 58 правни и 184 физички лица од кои 13 царински службеници. Значи за само пет месеци сме поднеле кривични пријави колку што не биле поднесени ни за тригодишен период претходно. Во тригодишен период од 2020 до 2023 година биле поднесени 85 кривични пријави за цели три години, а сега за пет месеци беа поднесени 102 кривични пријави,” нагласи Николовски.
Според него, овогодишното одбележување на Денот на Царинската управа јасно ја покажува улогата на институцијата во наплатата на приходи во Буџетот и во сузбивањето на криминалот.
“Застанавме на патот и спречивме разработена шема на организиран криминал со употребувани возила при што досега се поднесени 12 кривични пријави против 6 правни и 30 физички лица од кои 13 се царински службеници, при што дел од лицата се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Доказ за нашата посветеност во работата се и случаите во кои беа запленети 188,6 килограми марихуана, уникатен златен накит со тежина од 1,7 килограми и вредност пола милион евра, околу 600 килограми анаболични стероиди, 6,4 килограми сребро,” подвлече директорот.
Тој посебно го истакна работењето на мобилните царински тимови.
“Во првото тримесечје годинава остварија повеќе од 100 заплени што е на ниво на годишни остварени резултати споредбено во периодот од 2017 до 2023 година кога имало евидентирани заплени кои се движеле од 52 до најмногу 110 за цела година. Ваквите резултати се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци. Oд сега фокусот и апел до сите кои ја следат работата на царинската управа е истата да ја перципираат и ценат како работа на институција, работа на тим а не на поединци,” рече Николовски.
Царината, дополни тој, покрај секојдневните напори за сузбивање на криминалот и корупцијата, работи и на дигитализацијата на царинското работење, како и на усогласување со системите на ЕУ.
“Го ставивме во функција новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5, а веќе работиме и на фаза 6 во чекор со ЕУ, интензивно работиме на имплементација на националниот едношалтерски систем, како и на имплементација на системи со цел унапредување на царинските постапки – Систем за регистрација на економските оператори и идентификација на корисници, како и на развој на систем за контрола и истраги кој ќе биде целосно компатибилен со системот за унапредување на анализа ризик и податочен склад што се имплементира со грант од Република Кореја. Со грант од ЕУ работиме на имплементација на проект за паметни граници, на реконструкција на граничен премин Делчево, на возобновување на граничниот премин Маркова нога со Грција и на нов граничен премин Клепало со Бугарија. Паралелно со средства од Светска банка работиме на реконструкција на граничниот премини Деве Баир, и на реконструкција на граничниот премин Ќафасан, каде сме во финална фаза. Станува збор за инвестиции во вкупна вредност од 24,4 милиони евра, обезбедени од Светска банка, Република Кореја, од ЕУ како грант средства, како и од националниот Буџет,” напомена директорот.
Тој, исто така, упати порака до вработените, дека ќе се санкционира секое незаконско работење или каква било малверзација.
Министерката Димитриоска Кочовска укажа дека современото царинско работење има улога на заштита на домашната економија.
“Царинската управа е една од клучните институции за системот на јавните финансии. Одговорна е за наплата на голем дел од буџетските приходи поради што и не случајно е чувар на финансиските интереси на државата,” рече Димитриоска Кочовска, потенцирајќи дека од почетокот на годинава има значителен раст на приходите од увозни давачки што било тренд и во втората половина од 2024 година.
Во однос на контролата на извозот, таа повтори дека цариниците мора да бидат максимално посветени. “Уште една замолница до секој цариник на граничните премини и испоставите, па макар и внатре. Ве замолувам, колку што е важен увозот, уште поважно е да имате сериозна контрола на извозот зашто таму имаме најголеми проблеми. Извезуваат, а во суштина враќаат во земјата и продаваат на црниот пазар. Како што сте посветени на увозот, исто така дури и повеќе да се посветите на извозот,” подвлече министерката.