Царината ги штити економските интереси на македонските транспортери

18

Воспоставување на организиран систем за размена на информации со цел поефикасно спречување на шверц и нелегално преминување на граничните линии на Охридското езеро е целта за потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Царинската управа и Капетанијата на пристаништа.
Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа, истакна дека соработката ќе се интензивира и во делот на сместувањето на патролните чамци на Управата, како и на обезбедувањето на места за вршење на царинскиот надзор.
“Со максимално залагање на двете страни ќе се овозможи подобар и побрз проток на информации кои се битни за дејствување во секој момент”, рече Каргов.
Меморандум за соработка Царинската управа потпиша и со Државниот инспекторат за транспорт во насока на унапредување на системите за транспорт на инспекција и на капацитетите за побрзо поминување на граничните премини од страна на патниците, товарните возила и автобусите.
“Со планираните активности ќе овозможиме максимална заштита на економските интереси на македонските транспортери. Соработката во најголем дел ќе се однесува на разменување на информации за граничните премини, особено ако се евидентира евентуален нелегален премин”, додаде Каргов.
Каргов додаде дека има обиди за нелегално поминување на границата со автобуси, а возилата најчесто не поседуваат соодветни лиценци и дозволи за влез и транзит низ државата.
Што се однесува до следните активности, Каргов најави набавка на радари и камери за снимање на далечина до 10 километри за потребите на граничните линии на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, која треба да се случи до крај на оваа година.