Во изминатите неколку денови, царинските службеници открија четири обиди за избегнување плаќање царински давачки, со погрешно тарифирање на стока, пријавена за увозно царинење. Во првиот случај, на царинската испостава Меџитлија-отсек за стоково царинење, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење 24.770 кг пире од кајсии, декларирано во тарифна ознака за која царинската стапка изнесува 0%, а стапката за ДДВ 5%. При физички преглед на стоката, царинските службеници се посомневале дека стоката е правилно распоредена според Царинската тарифа, поради што била земена мостра и истата испратена на проверка во царинската лабораторија, каде било утврдено дека се работи за стока која се распоредува во сосема друга тарифна ознака, за која се пропишани царинска стапка од 30% и стапка за ДДВ од 5%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од 179.705,00 денари.
Во вториот случај, на царинската испостава Скопје 2, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење „видео тјунери сет топ блокови – апарати со микропроцесорски уреди со модем за подршка на интернет телевизија“, со вкупна вредност од 57.228 американски долари, декларирани во тарифна ознака за која царинската стапка изнесува 0%, а стапката за ДДВ 18%. При физички преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека пријавената стока се сместува во сосема друга тарифна ознака, за која се пропишани царинска стапка од 5% и стапка за ДДВ од 18%, со што се избегнати увозни давачки во износ од 167.081,00 денари.
Другите два случаи се откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, каде една фирма од Скопје пријавила за увозно царинење „сервер ХДЏЦ-ИНСЕРВ3 со вграден софтвер“, со вкупна вредност од 23.323,00 евра, а друга фирма, исто така од Скопје, пријавила за увозно царинење „контролен панел за вертикален гранулатор, тип МТ-316Ѕ“, со вкупна вредност од 5.050,00 евра.
Во двата случаи производите биле декларирани во тарифни ознаки со 0% царинска стапка и 5% стапка за ДДВ, но при детална контрола на истите, царинските службеници утврдиле дека се работи за производи кои се сместуваат во сосема други тарифни ознаки, за кои се пропишани, во првиот случај царинска стапка од 0% и стапка за ДДВ од 18%, а во вториот случај царинска стапка од 15% и стапка за ДДВ од 18%.
Врз основа на новоутврдените тарифни ознаки, пресметани се и доплатени дополнителни увозни давачки, во првиот случај во износ од 143.086,00 денари, а во вториот случај во износ од 101.042,00 денари.