ЦЕЕД ги собра во Загреб претприемачите и инвеститорите од Европа

12

ceedВо организација на мрежата ЦЕЕД и фондот СЕАФ, минатата недела во Загреб, Хрватска, се собраа преку 200 претприемачи и инвеститори од централна и источна Европа. На 7-та регионална конференција, на која присуствуваше и регионалниот менаџер на ЦЕЕД за Македонија, Србија, Албанија, Косово и БиХ, Јован Маџовски, учествуваа Боб Розеншајн, американски интернет претприемач и Џим Конор, член на управата на инвестициската група Sand Hill Angels.

Питер Риги, директор на ЦЕЕД, наведе дека СЕАФ ја основал оваа менторска мрежа за да помогне полесно да се доаѓа до информации кои компании во дадениот момент се најпогодни за инвестирање.

“Им помагаме на претприемачите кои имаат неколку години искуство во работата, преку менторски програми да го унапредат своето знаење и на тој начин да го забрзаат развојот. На сличен начин им помагаме и на успешните претприемачи кои сакаат да станат успешни инвеститори”, истакна Риги.

На собирот беа разменети ставови и искуства меѓу учесниците за тоа како малите фирми да најдат партнери и можности за соработка во регионот.

Конкретно за Хрватска, претседателот на СЕАФ Ричард Шеридан изјави дека има многу жива стартап сцена, но недостига инвестициски капитал. Според Шеридан, операциите сега се шират на поинаков начин, односно преку ЦЕЕД.

По конференцијата во Загреб, беше отворен ЦЕЕД центар и во Бања Лука.

ceed banja luka