Цената на електричните автомобили се приближи до цената на бензинците

22

Цените на електричните и класичните автомобили во Германија се приближуваат, но електричните автомобили сè уште се поскапи. Во октомври, јазот меѓу двата типа на 20 водечки модели значително се намали.
Според податоците од новото издание на редовната анализа на цените на Институтот за истражување на пазарот на автомобили (CAR), просечната цена на е-автомобил била 39.800 евра, за 6.600 повеќе од онаа со бензински мотор.

Но, разликата е за 920 евра помала од претходниот месец.

„Електричните автомобили поевтинуваат“, вели аналитичарот на CAR, Фердинанд Дуденхофер, оценувајќи дека трендот ќе продолжи и во наредните месеци, пред сè поради построгите прописи за емисијата на CO2.

Производителите, имено, ја прилагодуваат својата ценовна политика на регулативите. Затоа некои важни модели на е-автомобили, како што се Opel Corsa, Mini Cooper и Tesla 3, веќе поевтинија.

Од друга страна, помала е веројатноста продавачите да даваат попусти на електричните автомобили. Така, купувачите на автомобили на бензин може да добијат попуст од 16,5 отсто, а на електрични автомобили од 12,6 отсто.