Цените на гасот во Европа го достигнаа своето највисоко ниво годинава

17

Цените на гасот во Европа го достигнаа своето највисоко ниво оваа година поради зголемената загриженост за снабдувањето, со дополнителни геополитички ризици. Зголемувањето на цената дојде и покрај тоа што складирањето на гас во ЕУ е речиси полно.

Цената на TTF (Title Transfer Facility), европскиот референтен индикатор, порасна во петокот за 1,9 отсто на 42,98 евра за мегават-час, што е највисока цена од почетокот на декември минатата година, пишува Фајненшл тајмс.

Аналитичарите велат дека непланираните прекини на протокот на гас од Норвешка, која е најголемиот снабдувач на природен гас за Европа, како и геополитичките ризици, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, се главните фактори кои влијаат на поскапувањето на гасот.

Заклучно со 18 октомври, залихите на природен гас се зголемија за 2,3 отсто на годишно ниво и 4,6 отсто над петгодишниот сезонски просек, што укажува на обилни резерви на природен гас. Во Европа, капацитетите за складирање гас беа полни 95 отсто до 22 октомври, над петгодишниот сезонски просек од 92 отсто за овој период од годината.