Цените на гасот за домаќинствата во ЕУ се највисоки во последните 17 години

Просечните цени на гасот за домаќинствата во Европската Унија се зголемија во втората половина од 2024 година од 11,04 евра за 100 киловат-часови (kWh) во првата половина од минатата година на 12,33 евра, што е највисоката цена забележана откако започна собирањето податоци во 2008 година, објави  Евростат.

Највисока цена на гас за домаќинствата е регистрирана во Шведска, 18,93 евра за 100 киловат-часови, по што следат Холандија 16,71 евра и Италија 15,86 евра, а најниска во Унгарија 3,2 евра, Хрватска 4,6 евра и Романија 5,4 евра.

На годишно ниво, шест земји од ЕУ забележаа зголемување на цените во споредба со втората половина од 2023 година.

Овие зголемувања главно се должеа на повисоките даноци, бидејќи разни намалувања на даноците беа ограничени или укинати.

Спротивно на тоа, 14 земји од ЕУ пријавија пониски цени на гасот на годишна основа, првенствено поради пониските трошоци за енергија и снабдување.

Највисоките цени на природниот гас за домаќинствата, изразени во стандарди на куповна моќ и единици PPS, се забележани во Португалија, Италија и Шведска, а најниските во Унгарија, Луксембург и Хрватска, се додава во извештајот на веб-страницата на Евростат.

Во втората половина од 2024 година, трендот на намалување на цените на гасот за потрошувачите кои не се домаќинства во ЕУ е запрен, при што цените со и без данок се зголемија малку.

Просечните цени без ДДВ во оваа категорија малку се зголемија од 6,16 евра за 100 kWh во првата половина од минатата година на 6,24 евра, а цените без сите даноци од 5,30 евра на 5,41 евра.