Цените на нафтата околу 60 долари за барел – трговската војна ја намалува побарувачката

Цените на нафтата беа речиси непроменети во петокот, но беа на пат за втора недела по ред на загуби поради загриженоста дека долготрајната трговска војна меѓу САД и Кина може да го забави економскиот раст и да ја намали потрошувачката на сурова нафта.

Фјучерсите на брент поскапеа за 14 центи на 63,47 американски долари (59,02 евра) за барел, додека фјучерсите на американската западна Тексас интермедијт (WTI) исто така беа повисоки. Нивната цена во денешното тргување изнесува 60,21 долар (56,03 евра), откако во четвртокот референтните цени беа намалени за повеќе од два долари.

Брент се очекува да падне за 3,2 проценти оваа недела, додека WTI може да ослабне за 2,9 проценти. И двата показатели минатата недела паднаа за 11 отсто.

Продолжениот конфликт меѓу двете најголеми светски економии најверојатно ќе го намали глобалниот обем на трговија, ќе ги наруши трговските патишта и на крајот негативно ќе влијае на глобалниот економски раст, според аналитичарите за Ројтерс.

„Очекуваме цените да останат под притисок додека инвеститорите го оценуваат напредокот на трговските преговори и растечките тензии меѓу Вашингтон и Пекинг“, се вели во белешката на аналитичарот на BMI.

Загриженоста за глобалното економско забавување, исто така, врши притисок врз цените на нафтата, рече Даниел Хајнс, висок стратег за суровини во ANZ.

Хајнс предвидува и пад на потрошувачката на нафта за еден процент доколку глобалниот економски раст падне под три проценти.

Американската Администрација за енергетски информации (EIA) во четвртокот, исто така, ги намали своите прогнози за глобалниот економски раст и предупреди дека царините може да извршат значителен притисок врз цените на нафтата, истовремено намалувајќи ги прогнозите за побарувачката на нафта во САД и глобалната за оваа и следната година.

Аналитичарите на БМИ додаваат дека состанокот на ОПЕК + на 5 мај може да биде одлучувачки и може да сигнализира подготвеност за интервенција со цел да се стабилизира пазарот.

„Најавата за дополнителен раст на понудата на следниот состанок веројатно би можела да поттикне нова продажба“, заклучуваат аналитичарите.
Фото: Pixabay