Цените на нафтата пораснаа

Цените на нафтата пораснаа во петокот, откако пораснаа за околу 3 проценти во претходната сесија, бидејќи трговските тензии меѓу најголемите светски потрошувачи на нафта, САД и Кина, покажаа знаци на олеснување, а Велика Британија објави „пробивен“ трговски договор со САД.

Брент нафтата е повисока за 43 центи, а цената на барелот е 63,27 американски долари (58,77 евра), додека американската Западна Тексашка Интермедијарна нафта поскапе за 42 центи, на 60,33 долари (56,06 евра) за барел.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент ќе се сретне со највисокиот економски претставник на Кина, вицепремиерот Хе Лифенг, на 10 мај во Швајцарија, за да работи на решавање на трговските спорови што го загрозуваат растот на потрошувачката на сурова нафта.

„Доколку се согласат за датум за почеток на формалните трговски разговори и се согласат да ги намалат сегашните високи тарифи за време на траењето на разговорите, пазарите би можеле да воздивнат со олеснување, а цената на нафтата би можела да се зголеми за дополнителни два до три долари за барел“, изјави за Ројтерс Вандана Хари, основач на аналитичарот на пазарот на нафта „Ванда Инсајдс“.

Кинескиот извоз порасна побрзо од очекуваното во април, додека увозот малку се намали, покажаа царинските податоци во петокот, давајќи му на Пекинг одредено олеснување пред најавените разговори за царините.

Увозот на сурова нафта во април се намали во однос на претходниот месец, но се зголеми за 7,5 проценти на годишно ниво, поради зголемениот увоз на нафта под санкции и складирањето од страна на државните рафинерии за време на прекините за одржување.

Цените беа под влијание и на договорот меѓу Велика Британија и САД. Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер објавија дека Велика Британија се согласила да ги намали царините за увоз на американски производи од 5,1 на 1,8 проценти. САД ги намалија царините за британските автомобили, но ја задржаа царината од десет проценти за повеќето други стоки.

„Дополнителните американски трговски договори, по овој со Велика Британија, со други големи трговски партнери ќе имаат само маргинално влијание врз расположението на пазарот на нафта“, додаде Хари.

Исто така, Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците – попознати како ОПЕК+ – планираат да го зголемат производството, што би можело да го одржи притисокот врз цените на нафтата. Анкета на Ројтерс покажа дека производството на нафта од ОПЕК малку се намали во април, бидејќи намалувањето на производството во Либија, Венецуела и Ирак го надмина планираното зголемување.