Чапе фунги: Вкусот на здравјето од Македонија на европскиот пазар

502
chape 1
Елена Чапе, менаџер во Чапе фунги

Во Демир Хисар, повеќе од 30 години работи компанијата Чапе фунги. Започнува како мелница, потоа станува стовариште, а сега е извозно ориентирана компанија на шумски плодови и печурки.

“Фамилијарниот бизнис го започнува дедо ми. Баба ми била првата воденичарка во реонов. Потоа бизнисот им бил стовариште, па дедо ми почнал да работи со печурки. Бизнисот сериозно го разработил татко ми. Јас сум третата генерација”, вели Елена Чапе, менаџер во компанијата.

Компанијата претежно работи извоз, 90% од дејноста е извоз на шумски печурки и плодови, но со доаѓањето на Елена во 2011 година, започна и со малопродажба на домашен пазар.

“Дел од производите што ги нудиме во Европа, почнавме да ги продаваме и во Македонија. Зошто да не допре до македонскиот потрошувач она што европските потрошувачи со години го јадат и го ценат? Најпрво почнавме со аронијата, па со вргањите коишто се наш носечки производ, па шумското овошје. Сега имаме нови производи што треба да излезат – шумска боровинка, интегрално брашно од полно зрно, без никакви додатоци и адитиви и Аровита, мешавина на планински мед со аронија, подготвена според фамилијарен рецепт што се пренесува од генерација на генерација”, вели Чапе.

Од Европјаните, најголем потрошувач на печурки се Италијаните. Според Елена, на италијанскиот пазар го преферираат вргањот, како и на германскиот и скандинавскиот, додека во Франција лисичарка и смрчак.

12196002_1512635069055789_6896290762760007076_n

Токму вргањот е доминантен во извозот на Чапе фунги (сув и замрзнат вргањ, саламурен и во свежа состојба), и според Елена, Македонија го има најубавиот вргањ, со црна, темна капа и со најсилна арома. Веќе извезуваат и мариниран вргањ, но планираат еден дел да стават во мали теглички и да го пуштат прво на македонскиот пазар, па потоа и за извоз.

“Со малопродажба се занимаваме само во Македонија, тоа ни е тест пазар, за да видиме во која насока можеме да се движиме надвор. Македонскиот пазар е мал, една фирма не може да опстојува само од него, мора да оди надвор, но е добар за да видиш кои производи ги сакаат потрошувачите”, смета Елена.

Од другите печурки откупуваат и преработуваат уште и лисичара, смрчак и рујница. Соработуваат со луѓе кои имаат откупни центри низ цела Македонија, но откупуваат и од индивидуални берачи.

chape 2

“Работиме исклучиво шумски печурки, тоа не подразбира шампињони, буковка, шитаке, тие се култивирани. Ние работиме само со оние што ги дава природата и гледаме процесот на преработка да остане органски. Сушењето го правиме со сушара на дрва, со струење на топол воздух, потоа рачно ги преработуваме, секое парче рачно се прегледува. Во финалниот производ нема никакви додатоци, ниту пак гасови за задржување на квалитетот на производите, целосно е био. Вргањот е единствената печурка што никој досега не успеал да ја произведе. Кинезите веќе го произведоа смрчакот, направија масовно производство, како и на тартуфот. За вргањот имаат направено многу обиди, но досега никој не успеал да го произведе.”

За шумските печурки Елена вели дека изминатите години ги имало во изобилие, особено вргањот, кој бара топло време и влага.

“Овие години беше нешто невидено. Берачите што си го познаваат теренот можeа да наберат и до 100 килограми дневно. Имавме влез на печурки по 10 тони дневно. Вргањот почна да расте дури и по ливади, што не е вообичаено”, додава.

12711055_1125664170807297_8628669267935511099_o

Компанијата Чапе фунги е еден од учесниците во првата генерација (2015/2016) во Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од ЦЕЕД Македонија, од Пелагонискиот регион. За Елена Чапе, програмата целосно ги исполнила нивните очекувања и е презадоволна од она што го научила на работилниците.

Делот од програмата во кој учествуваме, продажба и извоз, беше многу интересен, имаше многу дискусии, на работилниците нè мотивираа да размислуваме во која насока можеме да го подобриме она што ни е вредност во бизнисот, што е тоа што треба да истакнеш, како да се брендираш, како се вади домашен производ на странски пазар. Извлековме интересни заклучоци, во која насока да се движиме, какви производи да развиваме, како се продава производ што не се употребува секој ден“, вели Елена.