Четири сестри смислија игра Корона, која се продава како алва

116

За време на првиот карантин во Германија, четирите сестри Швадерлап своето време го поминаа во измислување социјална игра за коронавирусот, која сега се продава во големи количини.

Корона играта може да ја играат најмногу четворица играчи кои се натпреваруваат кој ќе ги купи сите намирници од списокот за купување на постар сосед кој не може да излезе надвор поради пандемија.

Учесниците ги собираат и менуваат картите што се наоѓаат во играта, а победник е оној кој прв ќе испорача сè што е нарачано, пренесува Ројтерс.

Препреките со кои се соочуваат играчите се однесуваат на блиски средби со вирусот што ги праќа во карантин или откритието дека претходните потрошувачи веќе ги купиле сите пакувања за тестенини и тоалетна хартија.

“Основниот принцип е принципот на солидарност“, рече 20-годишната Сара, една од сестрите. Како што изјави таа, секој играч може да одлучи дали да соработува со другите или да им ги отежни работите блокирајќи им го патот со вирусот.

За време на карантинот, сестрите работеа на оваа социјална игра, постепено вметнувајќи сè повеќе елементи, слушајќи ги најновите вести за пандемијата.

Импресиониран од напорите на неговите ќерки, таткото Бенедикт Швадерлап одлучи да ја комерцијализира играта со ангажирање уметник за дизајнирање карти, табла и кутија. Досега се продадени 2.000 примероци.

Фото: Twitter