Четиридневната работна стана реалност: Сè повеќе земји го тестираат овој модел

83

Белгија стана првата членка на Европската унија која официјално ја воведе опцијата за четиридневна работна недела. Според белгискиот модел, работното време на вработените нема да биде значително скратено бидејќи тие ќе можат да изберат дали сакаат да работат девет и пол часа во текот на четири дена или осум часа пет дена во неделата.

Сепак, Белгија не е ниту единствената ниту првата земја во светот која го поздрави овој нов систем на работа. Исланд е еден од европските лидери во креирањето на нов работен систем, а во моментов се спроведуваат или планираат пилот студии во Велика Британија, Шпанија, Шкотска, Велс, Нов Зеланд…

Различни модели на скратена работна недела

За разлика од Белгија, која се обидуваше да го задржи истото работно време во неделата, Исланд го започна најголемиот пилот тест во 2015 година, 35-часовна работна недела. Студијата беше успешна до тој степен што денес речиси 90 отсто од работоспособното население работи со скратено работно време.

Истражувачите истакнаа дека работниците во скратената работна недела биле помалку под стрес, а синдромот на исцрпеност станал поредок. Сепак, не секоја земја го сподели успехот на Исланд со четиридневната работна недела.

Исто така, во 2015 година, Шведска сакаше да спроведе слична студија во која вработените ќе работат шест часа дневно за иста плата. Единствениот проблем беше што многу компании не сакаа да трошат пари на таков тест. Иако тест-периодот се покажал многу успешен во универзитетската болница каде целиот медицински персонал работел шест часа дневно, експериментот бил многу критикуван и никогаш не бил објавен.

Седум години подоцна, се чини дека општеството и пазарот се подготвени за таква промена.

Компаниите во Обединетото кралство кои водеа шестмесечна проба на четиридневната работна недела сега планираат да ја направат практиката постојана, откако експериментот беше опишан како „исклучително успешен“. Во оваа земја работниците би заработиле исто, иако работат еден ден помалку.

Во Шкотска, владата се очекува да препорача намалување на работното време за 20 проценти, без губење на платите, на почетокот на 2023 година.

Во Шпанија се подготвува пилот-проект, каде на работа би се поминале само 32 часа во текот на четиридневната работна недела.

Во Нов Зеланд, 81 вработен во гигантот за производи за широка потрошувачка Unilever моментално учествуваат во едногодишно пробно тестирање на четиридневна работна недела со целосна плата.

Според истражувањето спроведено во САД, огромни 92 отсто од американските работници поддржуваат скратена работна недела, дури и ако тоа би значело да работат подолго во текот на денот. Анкетираните вработени го наведоа подобрувањето на менталното здравје и зголемената продуктивност како перцепирани придобивки.

Тројца од четворица вработени (74 проценти) велат дека би можеле да ја завршат истата количина на работа за четири дена, но мнозинството (72 проценти) велат дека ќе мора да работат подолго во работните денови за да го направат тоа.

Сè на сè, се чини дека четиридневната работна недела полека, но сигурно добива на сила ширум светот, а кои земји ќе го усвојат тој систем, останува да видиме.

Помалку часови за иста плата – изводливо?

Бидејќи белгискиот модел е еден од ретките во кој работната недела се скратува, но вкупниот број на работни часови не се менува значително, се поставува прашањето зошто и како е исплатливо компаниите да ја задржат платата на вработениот и да го скратат работното време?

Најпрво, осумчасовниот работен ден е практика која датира од Индустриската револуција, период кој не бил љубезен кон интересите на работниците.

Во тоа време, осумчасовниот работен ден беше прогресивна политика дизајнирана да ги спречи работниците да „ги скршат кичмите“ да работат 16-часовни денови. Меѓутоа, како што одминува времето, многу експерти истакнуваат дека осумчасовното работење воопшто не е идеално за луѓето.

Неколку неодамнешни студии покажаа дека фокусот и продуктивноста на работниците се намалуваат по околу пет часа, а британското истражување од 2019 година покажа дека канцелариските работници се чувствуваат продуктивни само околу половина од денот, а остатокот од времето го поминуваат прелистувајќи ги социјалните мрежи, правејќи чај или кафе, а некои од нив дури и бараат друга работа додека се на работното место.

Истражувачки труд од Универзитетот Стенфорд во САД од 2014 година вели дека продуктивноста на работниците се намалува кога работеле повеќе од 50 часа неделно, до степен до кој оние кои работеле 70 часа неделно работеле исто како и оние кои работеле 55 часа.

Затоа, се чини дека можеби не е идеално да се продолжи работниот ден за да се скрати работната недела. Некои психолози сугерираат дека шест наместо осум часа работа би била поизводлива опција за компаниите и дека тоа би го имало истиот корисен ефект врз вработените како четиридневната работна недела.