Четврти ден по ред паѓаат цените на акциите на Волстрит

68

На Волстрит цените на акциите паднаа и во четвртокот, четврти ден по ред, бидејќи американската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки повеќе од очекуваното.
Dow Jones загуби 0,46 отсто, на 32.001 поен, додека S&P 500 се лизна за 1,06 отсто, на 3.719 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,73 отсто, на 10.342 поени.

Пазарот сè уште не е смирен откако ФЕД во средата, четврта сесија по ред, ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени, на опсег од 3,75 до 4 отсто, што е највисоко ниво од почетокот на 2008 година.

Пораките од централната банка дека стапката на пораст на цената на парите може да се забави во иднина не ги охрабрија инвеститорите бидејќи каматните стапки би можеле да достигнат повисоки нивоа од очекуваното.

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел изјави дека на една од следните седници би можела да започне дискусија за забавување на темпото на зголемување на каматните стапки, но дека се уште е рано за тоа.

„Имаме уште работа, а податоците објавени од нашата последна седница сугерираат дека конечното ниво на каматни стапки ќе биде повисоко од претходно очекуваното“, рече тој.

Јасно е дека ФЕД наскоро ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки, но пазарот на пари сега проценува дека клучните каматни стапки би можеле да достигнат најмалку 5 отсто, додека се очекуваше да бидат меѓу 4,50 и 4,75 отсто на врвот на циклус.

Серијата неодамнешни извештаи од пазарот на труд покажуваат дека пазарот е сè уште силен, па ФЕД треба да продолжи да ја заострува монетарната политика.

Растот на вработеноста и платите, имено, го поддржува растот на потрошувачката, што ја поддржува инфлацијата.

Официјалните податоци за вработеноста во САД за октомври ќе бидат објавени во петок, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот.