Средната класа во Данска, Белгија, Германија, Финска, Литванија, Словенија и Холандија е најоптоварена со даноци и придонеси за приходите што ги генерираат, покажа студијата на ниво на Европската унија, спроведена од германскиот институт IFO и EconPol Europe за Фондацијата Ханс Зајдел.
Истражувањето исто така покажа дека Франција, Полска, Италија, Луксембург, Шведска и Австрија наметнуваат просечни даночни оптоварувања за припадниците на средната класа, додека, според ИФО, даночното оптоварување на средната класа е најниско во Шпанија, Грција, Естонија, Португалија, Кипар, Бугарија и Романија.
„Во земјите-членки на ЕУ, системот за даноци и трансфери е генерално помалку оптоварувачки за семејствата од средната класа отколку за самохраните луѓе“, рече во писмената изјава даночниот експерт на ИФО, Флоријан Дорн.
Во рамките на ова истражување беа споредени приходите, куповната моќ и даночното оптоварување на средната класа на земјите од ЕУ, а „средната класа“ беше дефинирана како „домаќинства кои заработуваат помеѓу 75 и 200 проценти од средниот приход на домаќинствата во нивната земја“.
Оние домаќинства кои заработуваат помеѓу 75 и 100 проценти од просечниот приход се класифицирани како пониска средна класа, додека оние со приходи меѓу 150 и 200 проценти од просечниот приход на домаќинството се сметаат за висока средна класа.
Студијата покажала и дека приходите на средната класа се највисоки во Луксембург, Данска, Финска, Австрија и Шведска, а најмал во земјите од Источна Европа. Средната класа во Бугарија и Романија е на дното на листата според приходите, но трошоците за живот во овие две земји се само половина од просекот на ЕУ, се вели во соопштението на ИФО.
Земајќи ги предвид разликите во куповната моќ, средната класа во Луксембург, Австрија, Германија и Финска е на врвот, додека куповната моќ на средната класа во Источна Европа е најниска, но разликата со Западна Европа се намалува кога нивото на цените се зема предвид.