Австрија си зададе цел да вгради фотоволтаични системи на милиони кровови, а во тоа секако ќе помогнат најновите измени и дополнувања на градежните дозволи на градот Виена. Оваа реформа, меѓу другото, носи обврска за вградување фотоволтаични системи на секој нов градски кров.
Виена не можеше на поубав начин да го прослави Светскиот ден на обновливите извори на енергија (26 април). Новите измени и дополнувања даваат поголема можност за заштита на климата и дигитализацијата на важниот стопански сектор, а самиот град и животот во него ќе го направат уште попогоден за во иднина.
“Виена веќе направи голем чекор кон обновливата иднина. Фотонапонските системи на виенските кровови стануваат стандард и дополнително го забрзуваат напуштањето на производството на енергија од фосилни горива. Чистата енергија и зачуваната животна средина особено се битни во овие кризни и неизвесни времиња и поради тоа отсега секој нов кров во нашиот град ќе произведува обновлива енергија. Тоа е нашата формула за успех во иднина“, изјави портпаролот на Зелените, Питер Краус.
За одредени новоградби во Виена и претходно било потребно да се обезбеди вградување на фотонапонски системи, но реформата на градежните прописи сега ја воведува таа обврска за сите нови станбени и образовни згради. Моќноста на фотоволтаичните системи треба да обезбеди производство на електрична енергија за директно напојување на зградите, на пример, во нивните заеднички простории.
Фото:Pixabay