Членките на ЕУ го поддржа предлогот за отстапување од некои еколошки стандарди во земјоделството

13

Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на денешното заседание на Специјалниот комитет за земјоделство го поддржаа предлогот на Европската комисија за измени на стандардите за Добри земјоделски и еколошки услови (ГАЕК), поврзани со одредени акти од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предлогот се однесува на прашања поврзани со имплементацијата на стратешките планови на Заедничката земјоделска политика и има за цел да обезбеди поедноставување на правилата, да го намали административниот товар за земјоделството и да обезбеди поголема флексибилност при усогласувањето на земјоделците со одредени еколошки барања.

Белгискиот вицепремиер и министер за самовработување, мали и средни претпријатија, земјоделство, институционални реформи и демократска обнова Давид Кларанвал изјави дека ова претставува „брза акција“ на барањата на европските земјоделци и одговор на бројните предизвици со кои тие се соочени.

– Целната ревизија на правилата ја постигнува вистинската рамнотежа помеѓу обезбедувањето поголема флексибилност за земјоделците и земјите членки и олеснување на административниот товар, а истовремено задржува високо ниво на еколошки амбиции во Заедничката земјоделска политика, истакна Кларанвал.

Добрите земјоделски и еколошки услови (ГАЕК) е збир од девет стандарди поврзани со животната средина и климата, кои се однесуваат на земјоделците. Од нивното почитување зависи исплатата на субвенциите за земјоделците.

Една од главните промени е што на земјите членки им се овозможува да одобрат привремени и целни отстапувања од одредени услови во случај на непредвидени климатски појави што го попречуваат почитувањето на правилата од страна на земјоделците.

Покрај ова, земјите членки добиваат поголема слобода во заштитата на почвата, како и во одлуките за плодоредот (наизменично засевање на исти земјишни површини со разни култури), а земјоделците ќе бидат обврзани само да ги одржуваат постоечките карактеристики на земјиштето.

Со измените, исто така, фармите помали од 10 хектари нема да бидат подложни на контроли и казни поврзани со усогласеност со правилата од Заедничката земјоделска политика.

Овие измени таргетираат околу 65 отсто од земјоделците во ЕУ, но само 10 проценти од земјоделското земјиште.

Се очекува целата постапка за усвојување на предложените измени и за нивно стапување во сила да заврши до крајот на мај.

Одлуката се носи во време кога денеска во Брисел со одржуваат земјоделски протести и состанок на министрите за земјоделство на земјите членки.