Чоколадото може драстично да поскапе

35

Коцка чоколада наскоро може да биде поскапа. Гана и Брегот на Слоновата Коска, од каде доаѓа повеќе од 60% од светското производство на какао, се приклучуваат кон картел сличен на оној на земјите извознички на нафта, а веќе најавија дека цената на какаото ќе се покачи од октомври.

Гана и Брегот на Слоновата Коска веќе извесно време преговараат за создавање здружение слично на ОПЕК, Организацијата на земји извознички на нафта, што со децении влијаеше на движењето на цените на суровата нафта на светскиот пазар.

Скоро две третини од светските количини какао потекнува од двете западноафрикански држави, а нивните власти велат дека картелот, сега познат како COPEC (Cocoa Producing Countries), ќе можат да го зголемат својот профит од одгледувањето. Вредноста на глобалната продажба на чоколади се проценува на повеќе од 100 милијарди долари, при што двете земји годишно заработуваат само околу четири милијарди долари.

И покрај тоа што се одговорни за поголемиот дел од снабдувањето во светот, одгледувачите на какао во Гана и Брегот на Слоновата Коска често живеат под границата на сиромаштија.

Фото: Pexels