„Citigroup“ размислува за издавање сопствена стабилна монета

„Citigroup“ може да издаде сопствена стабилна монета (stablecoin) во обид да ги олесни дигиталните плаќања, изјави извршната директорка на банката, Џејн Фрејзер, пред аналитичарите на конференциски повик по објавувањето на заработката во вторник.

„Размислуваме за издавање „Citi stablecoin“, но веројатно најважниот простор се токенизираните депозити, каде што сме многу активни. Ова е добра можност за нас“, рече таа, објави SEEbiz.

Третиот по големина американски заемодавач, исто така, истражува управување со резервите на стабилни монети и обезбедува решенија за чување крипто средства, рече Фрејзер.

Акциите на банката накратко го достигнаа највисокото ниво од финансиската криза во 2008 година, откако објави резултати за вториот квартал што ги надминаа проценките на Волстрит и откако банката соопшти дека планира да откупи акции во вредност од најмалку 4 милијарди долари.