Croatia Airlines повторно на продажба

21

ca

Хрватската влада по втор пат ќе се обиде да најде стратешки партнер за авиопревозникот Croatia Airlines, за што веројатно ќе побара помош од Инвестицискиот фонд на Светска банка (IFC), пишува Јутарњи лист.

Претставници на IFC пред хрватската влада минатата недела ги претставиле своите можности во пронаоѓање стратешки партнер. Како што дознава весникот, ако се договорат со Владата, претставниците на IFC тврдат дека можат да најдат стратешки партнер за оваа компанија во рок од 12 месеци по потпишувањето на договорот.

Пред една година, хрватската влада распиша јавен повик за приватизација на националниот авиопревозник, на кој не пристигна ниту една понуда.

Од идниот партнер, Владата бара ширење на сообраќајната мрежа и зголемување на пазарниот удел, докапитализација, учество во обновување на флотата, помош во развој на аеродромска мрежа и понатамошен развој на техничките сервиси.