Crowdfunding како предизвик за млади претприемачи и храбри инвеститори

76

Фото: Pixabay

Нов пазарен концепт на финансирање на помалите компании што се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии е crowdfunding што го нуди Берзата, меѓу другото, вели извршниот директор на Македонска берза, Иван Штериев во интервју за Миа.

Според него, се отвора нова страница во финансиските навики, а берзата паралелно создава инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата што е најголем развоен предизвик

“Особено би сакал да истакнам нешто кон што примарно се фокусиравме годинава, а тоа е проектот со crowdfunding платформата Funderbeam и проширување на соработката со Загрепската берза во овој домен. Како што досега повеќе пати сме објаснувале во јавноста тоа е платформа која е развиена во Естонија за финансирање на стартапи, но и на мали и средни претпријатија. На овој начин го нудиме пазарниот концепт на финансирање на помалите компании кои се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии. За ова добивме поддршка од УСАИД Проектот за развој на деловниот екосистем и потпишавме Меморандум за соработка со Фондот за иновации и технолошки развој“, вели Штериев во интервју за Миа.

Поголем дел од стручната јавност, како што наведува тој, ја поздравува и поддржува идејата, ја сфаќа логиката поради која ова го правиме и навива да успееме поради општо добро.

“Има и такви кои не веруваат дека ова кај нас може да функционира, а се појавија и некои малициозни гласови што го проблематизираат овој проект со тврдење што има Берзата да се занимава со crowdfunding кога се уште не ги средила побитните работи на пазарот. Тоа, кога така лефтерно се зборува што треба и што не треба да работи берзата, ме потсетува на кафеанските муабети за “оправање” на ова или она. Како и да е, уверени сме дека со проектот за crowdfunding отвораме нова страница во нашите финансиски навики, при што паралелно создаваме инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата што ни е најголем развоен предизвик. Дополнително, делуваме општествено одговорно и им овозможуваме на младите претприемачи пазарно да ги тестираат и финансираат своите бизнис идеи без да мора да се отселат од Македонија. Поактуелен и помодерен проект, здравје“, додава тој.