Да донираш е љубов

27

kolumna

Фото: Pexels

Сведоци сме на секојдневни апели и повици за донации како, на пример, за лекување, за настрадани во елементарни незгоди, донации во храна и облека за сиромашни семејства и слично. Граѓаните сочувствуваат со своите сограѓани и секогаш кога за тоа ќе почувствуваат потреба донираат финансии или други средства за да излезат во пресрет. Ваквиот начин на донирање, кај нас го практикуваат не само граѓаните, туку и компаниите. Но, дали на тој начин придонесуваме вистински да се решат проблемите?

Хуманитарното или таканаречено „ад-хок“ донирање е важно и честопати неопходно, но не е доволно и не го искористува максималниот потенцијал на донациите. Со него ги „крпиме“ дупките, но не ги решаваме суштинските проблеми. Неопходно е паралелно да го развиваме и филантропското, односно паметното донирање.

Кога зборуваме за паметно донирање, пред сѐ мислиме на планирано, стратешко донирање, кое треба да го даде одговорот на прашањето „Како мојата донација најдобро ќе придонесе во решението на проблемот?“.

Еве неколку совети како да бидете вистински филантроп:

  • Испланирајте ги средствата и ресурсите кои во одреден период може да ги донирате. Нека не ве обесхрабрува доколку тие ви изгледаат мали и навидум недоволни за да се реши проблемот. Многу проблеми што барале големи средства се решени со мали донации од повеќе донатори.
  • Размислете која е областа или каузата во која сакате да дадете придонес. Преиспитајте кои се вашите вредности и направете споредба со проблемите што се јавуваат во општеството. Одредете ги приоритетите во согласност со вашиот интерес и можности.
  • Најдете соодветна организација која работи на решавање на вашите приоритетни проблеми. Донирањето во непрофитни организации е вистинскиот начин, бидејќи тие ги познаваат потребите, делуваат стратешки и обмислуваат трајни решенија за граѓаните. Важно е да ги идентификувате вистинските непрофитни или граѓански организации кои работат посветено, етички, транспарентно и одговорно. Токму тие се природен и клучен партнер во остварувањето на целите на донацијата.
  • Реализирајте ја донацијата. Стапете во контакт со организацијата и заеднички определете го начинот на кој најдобро ќе биде искористена донацијата. Некогаш, вашето време и вештини може ќе дадат поголем придонес во решавање на проблемот, отколку финансиските средства.
  • Следете ја донацијата и ефектот од неа. Најчесто, откако ќе ја дадеме донацијата, престанува и нашиот контакт со нејзиниот примател. Тоа не е најдобриот начин. Следете го напредокот во решавање на проблемот. Запомнете, вие сте дел од успешната приказна.

И не заборавајте, да донирате е љубов. Исто како во љубовта, донирањето претставува врска со заедницата во која треба умно да одбереш, да негуваш однос, вистински да се дадеш, да бидеш поддршка и да уживаш гледајќи што е постигнато. Планираното и обмислено донирање директно помага, но и развива активни граѓани коишто се вклучуваат во животот на заедницата.