Дала отказ, па љубовта кон домашните миленици ја претвори во бизнис

101

Ива Голужа од Хрватска по повеќе години поминати во финансиски оддели на различни корпорации, пред пет години одлучила да даде отказ и да почне сопствен бизнис. Својата љубов кон домашните миленици ја претворила во бизнис и така почнала да прави перници, прекривки и други предмети за кучиња и мачиња, пишува хрватски Индекс.

“Никогаш не се пожалив што почнав сопствен бизнис. Секако, во работата, исто како и во животот, има подеми и падови, но мора да бидете упорни и да верувате во себе. Со ова почнав да се занимавам уште додека работев за други, но како еден сегмент повлекува со себе друг, брзо сфатив дека тоа нема да остане само како хоби. Морав да донесам одлука – да продолжам да работам во осигурителна компанија или да развијам сопствен бизнис и се одлучив за оваа работа“, вели 43-годишната Ива.

Таа сметала дека хрватскиот пазар не е доволно развиен за прифаќање на нејзините производи, па повеќе сакала да се фокусира на западните пазари. Но, признава дека тоа не е така. Бидејќи токму хрватскиот и пазарите на земјите од регионот се покажале како погодни за пласман на такви производи.

Освен на домашниот и регионалните, нејзините производи се продаваат и во Велика Британија, Франција, Белгија и Германија.

Нејзините производи до крајните потрошувачи доаѓаат на два начина – или преку продавниците специјализирани за миленици или преку нејзината интернет продавница. Лани имала приходи од скоро 80.000 евра, а во нејзината компанија, што го носи името Azaria, работат четири лица. Перниците и другите предмети за домашни миленици ги претставува под брендот Qushin од истарскиот збор кушин што значи перница.

Фото: Facebook