Дали биткоинот ќе оди до 100.000 долари до крајот на годината?

91

Теsla купи биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари, а Брендон Минц, извршен директор на Bitcoin Depot, верува дека ова ќе ги охрабри и другите компании да купуваат биткоини.

Тој дури изјави дека може да замисли дека биткоинот ќе достигне цена од дури 100.000 долари оваа година.

За Минц, Илон Маск само го премести првото домино по ред што ќе го “лансира“ биткоин оваа година и пошироко.

Во понеделникот, Теsla објави информација за набавка на биткоин, прва за компанија со таа големина. Биткоинот порасна за 22 % во рок од 24 часа по објавата.

Одлуката на Маск да го “откачи“ кешот и да се сврти кон криптовалутите сигнализира почеток на трендот – големите компании да додаваат криптовалути во своите биланси.

Исто така, извршниот директор на Тwitter, Џек Дорси неодамна изјави дека компанијата размислува да инвестира во криптовалути.

“Мислам дека ќе се создаде домино-ефект како што одминува времето и написите во медиумите ќе зборуваат за големи имиња кои инвестираат во биткоин“, изјави Минц за Business Insider.

Треба да се напомене дека Минц има придобивки од прифаќањето на биткоинот и неговиот успех.

“Ќе се гледа како на други безбедни засолништа. Можно е за 10 години, луѓето во јавните организации да “седат“ на готовина, обврзници и – криптовалути”.

Минц продолжува: “Во минатото, видовме трговски инвеститори како ја туркаат побарувачката, а со тоа и цената, но овие големи компании имаат многу поголемо влијание денес, затоа што сега зборуваме за милијарди долари со кои може да се купи биткоин во многу краток временски период“.

Ова е став што го споделија многумина, вклучително и основачот на компанијата за управување со средства ARK Invest, Кети Вуд. Таа оваа недела сподели дека смета дека цената на биткоинот ќе се зголеми за 40.000 долари доколку секоја компанија од S&P 500 инвестира еден процент од својот биланс во дигитални средства и дури 400.000 долари доколку инвестираат 10 %.

Со оваа изјава се согласи и Минц. Тој додаде дека очекува биткоинот да се искачи на 100.000 долари до крајот на 2021 година, бидејќи компаниите го купуваат, но и во однос на тоа каде се наоѓа биткоинот во овој циклус, во споредба со претходните.

Го посочи и контрастот помеѓу пазарната капитализација на биткоин, кој вреди 900 милијарди долари и пазарната капитализација на златото, што вреди 12 трилиони долари и рече дека очекува пазарната капитализација на биткоинот да ја достигне “златната“ во следните неколку години.

Тој исто така изјави дека компаниите што купуваат биткоин можат да очекуваат скок на цената на нивните акции, што ќе повлече и други компании.

Фото: Freepik