Дали богат речник на изразување носи добра работа и поголема плата?

468

Читање на книги, ментална хигиена, континуирано учење… сето тоа го збогатува речникот на изразување на луѓето во бизнис светот. Истражувањата, исто така, покажуваат дека колку луѓето се подобро позиционирани на работа и земаат повисока плата, толку имаат побогат речник и фонд на зборови.

Студија спроведена во САД покажала дека успехот на матуранти во понатамошното школување и кариера зависи од бројот на зборови што биле користени во околината додека растеле.

Зборот како збор нема толку голема моќ, она што го прави да биде силен е неговото комбинирање во добро смислена реченица, којашто ќе биде соодветно артикулирана. Не се работи само за многу зборови што ќе се кажат и напишат, туку другата страна со којашто се води комуникацијата треба да ја разбере пораката и да остане фокусирана на разговорот.

Но, што е со интровертните луѓе, со оние кои не сакаат многу да зборуваат? Дали овие луѓе имаат помали шанси да напредуваат во кариерата? Праксата покажала дека “зборливите“ луѓе, на прв поглед, оставаат впечаток дека повеќе работат, се поупатени… Но, задача на еден менаџер ќе биде предвид да не ги зема само оние кои имаат течна мисла и убаво се изразуваат, туку и оние чиј карактер е фокусиран на дела, а не толку на вербална комуникација. Тоа значи дека лидерот треба да им даде на своите вработени шанса да ги покажат своите капацитети и можности.

Сепак, убаво е мозокот да се држи во “кондиција“ со читање најразлична литература, да се гледаат филмови, да се посетуваат најразлични обуки… Сето тоа помага да се прошират видиците, да се научат нови фрази, поучни зборови и изреки што можат да ја охрабрат вашата презентација пред потенцијалните бизнис партнери, нови соработници или менаџери пред кои треба да реферирате.

Фото: Pixabay