Дали доаѓа нова инфлаторна спирала? Растечките цени на нафтата ја загрозуваат глобалната економија

Десетпроцентно зголемување на цените на нафтата што би траело една година би можело да ја зголеми глобалната инфлација за околу 0,4 процентни поени и да го забави економскиот раст за помеѓу 0,1 и 0,2 проценти, предупреди директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.

Десетпроцентно зголемување на цените на нафтата, што би траело една година, би ја зголемило глобалната инфлација за околу 0,4 процентни поени и би го забавило економскиот раст за помеѓу 0,1 и 0,2 проценти, објави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

Во изјава за Блумберг, на маргините на конференцијата „Азија 2050“ во Бангкок, Георгиева истакна дека светската економија досега покажала исклучителна отпорност, со стапка на раст од 3,3 проценти, но дека новите конфликти на Блискиот Исток претставуваат сериозен тест за таа стабилност.

Според неа, новите геополитички ризици би можеле да ги рестартираат инфлациските притисоци и дополнително да ги комплицираат економските перспективи во многу земји.

Таа предупреди дека заштитните механизми на бројни земји веќе се значително ослабени по претходните глобални кризи, пренесува Танјуг.

„Особено ранливи се земјите што увезуваат нафта, економиите на островите во Пацификот што се на крајот од глобалните синџири на снабдување, како и земјите со ниски приходи и високо ниво на јавен долг“, нагласи Георгиева.

Директорката на ММФ додаде дека оваа меѓународна финансиска институција во моментов има активни програми за соработка со околу 50 земји и дека е подготвена да ги прошири постојните аранжмани или да иницира нови доколку глобалната неизвесност дополнително се зголеми.

Георгиева ги повика владите ширум светот внимателно да го следат движењето на цените на енергијата и девизните курсеви, но и да ги зајакнат фискалните резерви во периоди на економски раст за да бидат подобро подготвени за идните кризи.

„Нашиот совет до членовите е јасен – дејствувајте решително за да го ставите сопствениот дом во најдобар можен ред, во свет каде што има сè поголема неизвесност“, рече Георгиева.

Таа, исто така, предупреди дека креаторите на економски политики мора да ги подготват своите економии за нови предизвици што одат подалеку од класичните макроекономски ризици, вклучувајќи го забрзаниот развој на новите технологии и сè поизразените трговски конфликти меѓу главните светски економии.