Дали домот ќе ја замени канцеларијата засекогаш?

27

Коронавирусот буквално го заобиколи целиот свет, па милиони луѓе своите канцеларии ги преселија во домашни услови. Некои сега учат како да го организираат работното време далеку од канцеларија и да ги искористат технолошките придобивки за да можат да комуницираат со колегите. Но, секоја криза, освен што остава длабоки траги и последици, таа со себе носи и нови трендови и промени.

Домовите, освен што станаа место за самоизолација на луѓето за да се заштитат од евентуална зараза со вирусот, тие се трансформираа во логистички центар за извршување на работните задачи, пишува Think with Google.

Дали со тек на време ќе се навикнеме да купуваме онлајн, да плаќаме сметки преку мобилниот или компјутерот, избегнувајќи ги редиците во продавниците и сообраќајниот метеж?

Благодарение на технологијата, развојот на различни уреди и нивна поврзаност со интернет, домовите стануваат “упориште“ на бизнисите. На исто место, луѓето јадат, спијат и работат. Факт е дека работата од дома во последните години бележи пораст, бидејќи луѓето сакаат флексибилност, поголема креативност. Пред да се појави пандемијата, бројот на лица кои работат од дома во последните две години бележи пораст за 210%.

Се верува дека и работодавачите и работниците се согласни дека не им треба канцеларија за да бидат ефикасни, ефективни, креативни и соодветно да ги извршуваат работите. Истражување во САД покажува дека 80% од работниците предност ѝ даваат на онаа работа што нуди поголема флексибилност. Не треба да се занемари фактот дека две петтини од Американците сметаат дека часовите поминати на работа се едно од најлошите во текот на денот.

Фото: Pixabay