Дали е време Европа да го предводи економското закрепнување?

43

Соединетите држави и Кина се ротираа наизменично за време на пандемијата, застанувајќи на чело на закрепнувањето на глобалната економија по здравствената криза. Дали е време Европа да блесне, прашува CNN.

Европската економија се зголеми нагло повеќе од очекуваното, откако ограничувањата за коронавирусот беа намалени претходно оваа година. И досега, успеа да избегне некои од главните ризици што ги загрозуваат изгледите за САД и Кина.

Минатата недела, S&P Global Ratings ја зголеми прогнозата за раст на европската економија на 5,1 проценти, од 4,4 проценти, наведувајќи го брзото подобрување на економската активност, пазарот на трудот и високите нивоа на корпоративни инвестиции.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) објави слични набудувања и ја зголеми својата прогноза за еврозоната до 5,3 проценти, што претставува зголемување од 1 процентен поен во споредба со извештајот од мај.

S&P очекува Европа да се врати на предкризните нивоа на БДП пред крајот на оваа година – еден квартал порано од очекуваното.

Економскиот раст е поттикнат од кампањата за имунизација на Европската унија, која беше бавна, но сега една од најуспешните во светот. Повеќе од 72 проценти од возрасните во блокот се вакцинирани, наспроти 66 проценти во Соединетите држави.

Одговорот на коронавирусот на Брисел и главните градови, исто така, одигра значајна улога. Владините програми кои обезбедија задржување работни места и програмата за купување обврзници од Европската централна банка беа, исто така, важни.

Европските потрошувачи акумулираа повеќе од 300 милијарди евра вишок заштеди за време на пандемијата, според S&P, и сега почнуваат да трошат – помагајќи за закрепнување во секторот услуги.

Во исто време, земјите почнуваат да добиваат огромни грантови и евтини заеми од фондот за обновување од 800 милијарди евра. Средствата ќе додадат 3,9 проценти во БДП на еврозоната до 2026 година, според S&P.

Во услови на зголемени прогнози за закрепнување на европската економија, САД и Кина се соочуваат со проблеми. Во најголемата светска економија, имунизацијата почнува да забавува и процентот на луѓе кои примиле барем една доза е најнизок во Г7.

ОЕЦД минатата недела ја намали прогнозата за СAД за 0,9 процентни поени. до 6 проценти.

Во исто време, Кина, втората по големина економија, годинава ќе порасне за 8,5 проценти, според ОЕЦД. Но, веројатно растот речиси престанал во август, според поновите студии. Регулаторните мерки против приватниот бизнис, исто така, ќе влијаат на заздравувањето и земјата се подготвува за можен колапс на „Евергранде“, вториот по големина градежен изведувач со долгови од околу 300 милијарди евра.

Наљудувачите стравуваат дека банкротот ќе има ефект на кинески „Lehman Brothers“ слично на тогашната четврта најголема инвестициска банка во Соединетите држави и ќе го разниша фундаменталниот финансиски систем и економија.