Високите каматни стапки им овозможија на банките да акумулираат готовински резерви за преземање, но националната загриженост за таквите потези може да ги спречи идните спојувања.
Вистина е дека европскиот финансиски пејзаж е исполнет со разговори за преземања.
Италијанскиот UniCredit моментално го зголемува својот удел во германската Commerzbank, француската банка BNP Paribas фрли око на осигурителната компанија AXA, а шпанска BBVA сака да стане сопственик на Sabadell.
Накратко, спојувањата и превземањата во банкарскиот сектор сега се жешка тема и во 2025 година може да има „жештина“ на овој фронт, според Хајдер Џумабхој, партнер за спојувања и превземања во правната консултантска фирма White & Case.
По финансиската криза од 2008 година, спојувањата и преземањата во банкарскиот сектор на еврозоната нагло забавија. Во периодот од 2008 до 2020 година, во однос на средствата што се сменија, падот во однос на деценијата пред финансиската криза беше исклучително висок, дури 66 проценти.
Регулаторната рамка сега е сè уште строга, но каматните стапки беа факторот што го промени амбиентот. Од една страна, банките имаат акумулирано готовина, а од друга страна, знак за поздрава состојба на секторот е повлекувањето на државната поддршка за банките кои мораа да се спасат.
Така, италијанската влада сака да се ослободи од својот удел во банката Monte dei Paschi di Siena, а британската влада сака да излезе од NatWest.
Почетокот на падот на трошоците за задолжување е исто така добар мотив за преземања, бидејќи банките сега сакаат да ги диверзифицираат своите извори на приходи.
Џумабхој смета дека ова е исто така значајно бидејќи се менуваат банкарските навики.
„Клиентите сега не сакаат да купат само еден производ од вас, туку неколку. Тоа значи дека големите банки сега управуваат со различни брендови под еден чадор“, вели тој.
Исто така, спојувањата може да им овозможат на банките да ја комбинираат експертизата и со тоа да ги надополнат придобивките за клиентите, под услов пазарната конкуренција да остане здрава. Во случај на меѓународни спојувања, се стекнува и деловна експертиза во различни региони, наведува Еуроњуз.
Создавањето силни банки е веројатно еден начин за еврозоната да ја зголеми конкурентноста доколку банките се подобро позиционирани да инвестираат во иновации.
„Големината е важна за способноста на банките да се натпреваруваат на глобално ниво“, вели Марко Тројано од европската рејтинг агенција Scope Ratings.
Според него, во инвестициското банкарство потребно е да има големи биланси за да се намали изложеноста.
Но, експертите предупредуваат дека ограничувачкиот фактор за консолидација на банкарскиот сектор е начин на размислување во кој доминира желбата за локална контрола и создавање национални шампиони, како и непријателството кон прекуграничните спојувања.
Бројките на Европската централна банка покажуваат дека во периодот од 1999 до 2020 година, 80 проценти од спојувањата и преземањата се случиле на национално ниво.
Начинот на размислување е видлив и во реакциите на политичарите, па германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е против преземањето на Комерцбанк од страна на Уникредит.
Францускиот претседател Емануел Макрон, мора да се признае, ја изрази својата поддршка за прекугранични спојувања, па рече дека ќе ја прифати хипотетичката идеја за продажба на банката Сосиете Женерал на шпанскиот Сантандер. Но, прашање е што би покажала практиката.
Експертите предупредуваат дека во се треба да се води сметка за стабилноста, бидејќи создавањето банки кои се преголеми за да пропаднат може, во случај на закана од колапс, да стане погубно за пошироката економска рамка.
„Банките се глобални по живот и национални по смрт“, предупредува Тиери Филипонат, главен економист на невладината организација „Фајнанс воч“, цитирајќи го поранешниот гувернер на Банката на Англија, Мервин Кинг.
Прашањето дали европските банки ефикасно управуваат со ризикот е исто така жешка тема.
Сепак, експертите исто така веруваат дека Европа е премногу одбивна кон ризик, а со тоа ја губи конкурентноста на глобално ниво.
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа и новиот период на дерегулација може да доведат до интензивирање на активностите за спојување и преземање во банкарскиот сектор во САД.
Џумабхој верува дека паневропските спојувања ќе дојдат и во првата половина на следната година.