Дали ја проверивте Годишната даночна пријава?

53

На 31-ви овој месец истекува рокот за потврдување или коригирање на Годишната даночна пријава, соопштуваат од Управата за јавни приходи (УЈП).

По истекот на законскиот рок на 01.06.2020 година, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана. На 01.06.2020 година службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави коишто од страна на граѓаните не се ниту потврдени или коригирани. Годишната даночна пријава којашто граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2019 година.

Воедно, од УЈП апелираат до граѓаните кои оствариле приходи, а сеуште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, истото да го сторат во најкраток можен рок имајќи ги предвид бројните придобивки на користењето на системот, меѓу нив и заштедата на време коешто досега даночните обврзници го губеа чекајќи во долги редици пред шалтерите и во даночните канцеларии на Управата за јавни приходи.

Фото: Pixabay