Дали знаете колку денови годишен одмор ви следуваат?

200

Секој работник има уставно и законско загарантирано право на одмор, но дали знаете што колку минимум денови годишен одмор ви следуваат?

“Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена“, стои во членот 137 од Законот за работни односи, со потенцирање дека со колективен или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.

Законот, исто така, предвидува и дека празниците, саботите, неделите и слободните денови, отсуства поради боледување, како и други случаи на оправдано отсуство од работа, не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор.

“Работникот кој за првпат заснова работен однос, се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеци, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното“, стои во член 139 од Законот за работни односи.

Инаку, законодавецот утврди дека работникот има право на користење на пропорционален дел на годишниот одмор во вкупен износ од по два дена за секој месец работа: ако во календарската година во која случил работен однос не се стекнал со правото на целосен годишен одмор и му престанал работниот одмор пред изминување на рокот, по истекнувањето на кој би добил право на целосен годишен одмор.

Годишниот одмор по правило може да се користи во текот на календарската година. Може да се користи и во два дела, со тоа што првиот дел мора да трае најмалку 12 работни денови.

Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни денови годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30-ти јули следната година.

Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го користи до 30 јуни идната календарска година.

“Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски. Работникот има право еден ден од годишниот одмор да го искористи на ден којшто сам ќе го определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три дена пред користењето“, стои во членот 144 од Законот за работни односи.

Фото: Freepik