
Оксфам предупредува дека 0,1 процент од светското население поседува богатство кое ги надминува средствата на најсиромашните 4,1 милијарди, додека даночните оази продолжуваат да растат и покрај меѓународните мерки.
Неоданоченото богатство што го поседуваат најбогатите луѓе на офшор сметки го надминува вкупниот имот на најсиромашната половина од човештвото, според најновата анализа на меѓународната организација Оксфам.
Според нивните проценки, во текот на 2024 година дури 3,55 трилиони долари биле скриени во даночните оази и на непријавени сметки, што е двојно повеќе од вкупниот бруто домашен производ на 44-те најсиромашни земји во светот.
Околу 80 проценти од таа сума, или 2,84 трилиони долари, е во рацете на само 0,1 процент од најбогатите луѓе на планетата, што е приближно еднакво на богатството што го поседуваат околу 4,1 милијарди од најсиромашните. Уште повпечатливо е што дури 1,77 трилиони долари припаѓаат на ултрабогатата елита од само 0,01 процент од населението. Оваа анализа беше објавена во пресрет на десетгодишнината од откривањето на „Панамските документи“, кои за прв пат го разоткрија обемот на криење пари преку офшор компании.
Оксфам предупредува дека, и покрај ова, ситуацијата не се променила фундаментално.
Како што истакнуваат, супербогатите продолжуваат да ги користат даночните оази за да избегнат обврски и да кријат средства, што укажува на итна потреба од глобална акција и пофер оданочување на екстремно богатство.











