Светските залихи на хелиум се намалени за речиси една третина, Русија ги испитува капацитетите за испораки

Конфликтот на Блискиот Исток предизвика нарушувања на енергетскиот пазар, но понудата на хелиум што се користи во полупроводничката индустрија е исто така значително намалена, предупреди рускиот премиер Михаил Мишустин, со проценка на консултантски компании дека Русија може значително да го зголеми производството на скапоцениот гас.

Светските залихи на хелиум се намалени за речиси една третина, нагласи рускиот премиер, потсетувајќи дека гасот, заедно со полупроводничката индустрија, се користи и во металуршката индустрија, како и во уредите за магнетна резонанца и системите за вештачка интелигенција.

САД се најголемиот светски производител на хелиум, според податоците на Американскиот геолошки завод, со 81 милион кубни метри произведени во 2025 година, кога се зема предвид хелиумот произведен во Канада и „рафиниран“ во Соединетите Американски Држави, според S&P Global.

На второ место е Катар, кој минатата година произведе 63 милиони кубни метри хелиум. Хелиумот е нуспроизвод од втечнувањето на природниот гас, а QatarEnergy ги информираше клиентите дека поради оштетените објекти, нема да може да ги исполни своите договорни обврски подолг временски период.

Во 2025 година, Русија произведе 18 милиони кубни метри хелиум и се рангираше на третото место во светот, по што следува Алжир со 11 милиони кубни метри, според проценките на Американскиот геолошки завод.

„Во контекст на тешкотиите со транспортот на хелиум преку Ормутскиот теснец, Русија има основа да го зголеми производството благодарение на постојните капацитети“, изјави извршниот директор на компанијата Сибирски финансиски систем, Валентин Богомолов. Производството би можело да се зголеми и преку развој на нови гасни полиња, особено во источен Сибир, каде што се регистрирани високи концентрации на хелиум, додаде Богомолов.

Рускиот премиер нагласи дека приоритет е заштитата на домашните потрошувачи од надворешни ценовни шокови, истакнувајќи меѓу примерите за заштитни мерки забраната за извоз на бензин и азотни ѓубрива. „Нашиот главен приоритет е сè уште заштитата на домашниот пазар“, додаде Мишустин. Во меѓувреме, водечките светски добавувачи на хелиум предупредија за можен краткорочен недостиг.

Француската група за индустриски гасови „Ер Ликвид“ разговара со клиентите и прераспределува хелиум од други делови на светот за да обезбеди снабдување, изјави потпретседателката на групата Армел Левие кон крајот на март. „Ер Ликвид“ е клучен снабдувач на хелиум за полупроводничката индустрија на Тајван, вклучувајќи го и големиот глобален производител на чипови „Тајван Семикондактор Манфуркшн Ко.“ (TSMC).

Претставниците на индустријата предупредуваат дека долгорочните нарушувања би можеле да резултираат со повисоки трошоци, со неопходно прилагодување на синџирите на снабдување, вклучително и потрагата по алтернативни извори на енергија и суровини.