Dawood – дрвени очила изработени во БиХ

35

dawood

Фото: Facebook

Dawood е бренд на дрвени очила што ги изработува Дамир Бајрактаревиќ од Босна и Херцеговина, пишува Source.ba.

“Изработувам очила за сонце со оптика, што значи комплетен производ. За диоптриски очила ги изработувам само рамките, а луѓето сами си ја прават оптиката во зависност од тоа што им е потребно. Цените на очилата варираат, бидејќи ист модел може да чини од 100, 180 до 200 евра. Доколку рамката ја правам од јавор или од јасен, домашни видови, очилата ќе бидат поевтини. Бидејќи имам егзотични видови на дрва, коишто никој ги нема тука, тогаш таквите рамки се многу поскапи. За вредноста на една домашна штица, од којашто може да се изработат 50 очила, може да се купи егзотична штица од којашто може да се направат само пет рамки. Толкава е разликата, така што и цената мора да биде различна. Сè зависи од моделот, изработката и стаклата“, вели Бајрактаревиќ.

Тој изработува универзални модели на очила, коишто сами ги црта и изработува. Процесот на изработка на дрвените очила е сложен и се состои од повеќе фази.

“Дрвото го сечам во групи за рамките, а потоа рамката се третира со пареа и се става во калап за да се свитка според радиусот на лицето. Тој дел трае, бидејќи тие се сушат во калапите десетина дена. Додека се одвива тој процес, јас работам на други очила. Изработката од прилика трае околу 15 дена. Деталите одземаат многу време, а мојот максимум е 20 рамки месечно“, објаснува тој.

Бајрактаревиќ вели дека има голем интерес за неговите рамки за очила не само во земјата, туку и во странство.